
Раст од 11,43% на производството на електрична енергија од обновливи извори е регистриран во 2025 година во споредба со 2024 година, додека вкупното производство останува речиси непроменето и изнесува 6.123 GWh. Ова се наведува во Годишниот извештај за работењето на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) за 2025 година.
Најзначаен раст е забележан кај ветерните електроцентрали, со зголемување од 32,50%, што претставува највисок пораст меѓу сите обновливи извори. Дополнително, за прв пат, производството на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали го надминало производството од комбинирани централи.
Во текот на 2025 година, РКЕ измени седум лиценци за производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали, со што во системот се додадоа и складишта со вкупна инсталирана моќност од 7,1 MW. Според регулаторот, воведувањето на батериски системи за складирање претставува важен чекор за енергетската транзиција, овозможувајќи складирање на вишокот енергија и нејзино користење во периоди на зголемена побарувачка.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, истакна дека ова ќе придонесе за поефикасно управување со системот и намалување на вкупните трошоци преку подобро користење на системските услуги.
Во 2025 година се издадени вкупно 236 лиценци во областа на електричната енергија, при што најголем дел се однесуваат на производство од обновливи извори. Според извештајот, континуираните инвестиции придонеле обновливите извори да достигнат 58,22% учество во вкупниот инсталиран капацитет во земјата.
Забележан е и раст на конкурентноста на пазарот, со активни 21 снабдувач, што придонело за подобри услови за потрошувачите. На берзата за електрична енергија се регистрирани 40 компании и истргувани 1.371 GWh, што претставува зголемување од 41% во однос на претходната година.
















