Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски и бугарскиот министер за транспорт Гроздан Караџов денеска ќе го потпишат Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел меѓу Македонија и Бугарија, кој е дел од пругата на Коридорот 8.
Свеченоста ќе се одржи на железничката станица „Ѓуешево“, а на настанот се очекува присуство на претставници од Европската комисија, НАТО, САД, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Светска банка.
Проектираната должина на тунелот изнесува околу 2,4 километри, од кои 1,2 километри се на територијата на Македонија. Изградбата на тунелот ќе претставува нова меѓугранична точка на железничката врска меѓу двете држави во рамки на Коридорот 8.
Од Министерството за транспорт нагласуваат дека развојот на железничкиот Коридор 8, покрај економското значење, има и безбедносна компонента во контекст на инфраструктурата на НАТО. Веќе е пуштена во употреба делницата од Куманово до Бељаковце, додека делот од Бељаковце до Крива Паланка е во изградба. Во тек се и подготовките за третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, во која е опфатено и тунелското решение.
Потпишувањето на договорот следува по серија технички состаноци и работни групи формирани од двете страни за финализирање на проектната документација, со цел почеток на градежните работи на почетокот на следната година.























