Европската комисија усвои пакет мерки за развој на европската мрежа на брзи железници и зголемени инвестиции во обновливи и нискојаглеродни горива за авијацијата и поморскиот транспорт. Целта е воспоставување поефикасен, поврзан и еколошки транспортен систем во ЕУ.
Планот предвидува до 2040 година да се изгради интероперабилна мрежа на возови што ќе се движат со над 200 км/ч, со значително скратување на времето на патување. Патувањето од Берлин до Копенхаген се планира да трае четири часа наместо сегашните седум, а од Софија до Атина шест часа наместо речиси 14. Новите прекугранични линии ќе ја подобрат и поврзаноста меѓу Париз, Мадрид и Лисабон, како и меѓу балтичките главни градови.
Со зголемената железничка поврзаност се очекува повеќе патници да се префрлат од авион на воз на кратки релации, што ќе го намали метежот и ќе ослободи капацитет на постојните линии за товарен сообраќај и воена мобилност.
Покрај тоа, пакетот вклучува инвестиции од 100 милијарди евра до 2035 година за производство на околу 20 милиони тони обновливи и нискојаглеродни горива за авионскиот и поморскиот транспорт. Според ЕК, ова ќе ја намали зависноста од увезени фосилни горива и ќе ја зајакне европската индустриска конкурентност.
Извор: ВЕЧЕР























