Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека мировниот самит меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп во Будимпешта сè уште е на агендата и дека Унгарија е подготвена да ја одигра улогата на посредник доколку дојде до договор меѓу Русија и САД.
„Американците и Русите можат да постигнат договор во секое време. Во случај на таков договор, може да се свика мировна конференција, а Унгарија е во состојба на чекање“, рече Орбан на маргините на самитот на Европската унија во Брисел, пренесе агенцијата МТИ.
Тој нагласи дека Унгарија, имајќи историско искуство од светските војни, не сака да биде вклучена во конфликтот во Украина. „Нема да испраќаме луѓе, оружје или пари, но со задоволство ќе помогнеме во олеснување на мировните преговори. Наместо да поддржуваме војна, ние им нудиме на Украинците шанса за мир“, изјави Орбан.
Унгарскиот премиер посочи и дека Европската унија мора да биде присутна во мировните процеси доколку сака да има улога во иднината на континентот. „Ако ЕУ не сака да биде исклучена од одлуките за Европа, мора да иницира сопствени дипломатски акции – пред сè, дијалог со Русија. Треба да направиме токму тоа што го прави американскиот претседател“, рече Орбан.
Тој повтори дека Унгарија не сака да биде дел од сојуз што би ја вовлекол во конфликт:
„Ако Украина стане членка на ЕУ, тогаш руско-украинската војна станува и наша војна – а тоа не го сакаме. Европа треба да ги чува своите ресурси за економски развој, не за финансирање војна“, додаде Орбан.
Премиерот потврди дека Унгарија не го поддржала усвоениот текст на резолуцијата на Европскиот совет за Украина, нагласувајќи дека документот бил договорен без учество на Будимпешта.































