
Западен Балкан се соочува со сериозна закана за својата трговска стабилност по воведувањето на системот за евиденција на влез и излез (EES) за професионалните возачи на граничните премини со Европската Унија. Според последните оценки на Коморскиот инвестициски форум на 6-те комори од регионот (ЗБ6 КИФ), новите правила ќе ги зголемат оперативните трошоци на компаниите, ќе го загрозат непреченото движење на стоки и ќе ги стават возачите во многу потежок положај, особено поради ограничувањето од 90/180 дена.
Најавените протести на професионалните возачи на 26 јануари во неколку земји од Западен Балкан се директна реакција на овие промени, кои според индустриските претставници го нарушуваат стандардниот ритам на меѓународниот патен транспорт. „Проблемот не е само административен — ова влијае врз стотици илјади компании и речиси 60% од вкупната надворешна трговија на регионот“, нагласуваат од ЗБ6.
Сегашниот систем, кој вклучува биометриски проверки и идентификација, доведува до чекање и до неколку дена на границите, што е целосно нефункционално за брз транспорт на стоки. Додека шенгенскиот договор досега овозможувал флексибилно патување без виза за возачите, сега се покажува дека за долгорочен и редовен комерцијален транспорт тој не е одржлив. Како резултат, расте побарувачката за возачи, а компаниите се принудени да ги зголемат трошоците или, во некои случаи, да го стопираат дел од транспортот.
Во својата реакција до Европската комисија, ЗБ6 предлага краткорочно решавање преку координирани и прагматични мерки со клучните земји членки на ЕУ, како дигитална претходна регистрација и поедноставени дозволи за престој. Долгорочно, пак, е можно разгледување на адаптација на шенгенските правила за професионалниот транспорт од регионот.



























