
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски истакна дека македонските аеродроми бележат значителен раст и остануваат меѓу водечките во регионот, што е потврдено и од меѓународните авио медиуми.
Според последните податоци, Меѓународен аеродром Скопје бележи раст од 32 проценти во однос на истиот период минатата година. И покрај намалувањето на околу 6 илјади седишта поради влијанијата од конфликтите на Блискиот Исток, аеродромот останува високо позициониран во регионот според понудените капацитети, пренесува „EX-YU Aviation News“.
Во првите месеци од годинава, двата домашни аеродроми бележат раст од 30 проценти по број на патници и околу 20 проценти по број на операции, што, според Николоски, е директен резултат на владините политики за развој на авиосообраќајот.
„Само од почетокот на годината воведовме нови линии од Скопје кон Неапол и Будимпешта, како и од Аеродром Св. Апостол Павле во Охрид кон Милано и Братислава. Во текот на летото следуваат и нови дестинации кон Катовице, Вроцлав, Палермо и Алгеро“, изјави Николоски.
Тој нагласи дека за помалку од две години се воспоставени вкупно 24 нови авиолинии, што претставува рекорд во развојот на македонскиот авиосектор.
Дополнително, во тек е проект за реконструкција, надградба и проширување на охридскиот аеродром, со цел зголемување на капацитетите и подобрување на условите за патници и авиокомпании.
Николоски потенцира дека очекувањата за оваа година се бројот на патници да надмине 3,5 милиони, додека веќе следната година да достигне до 4 милиони патници.
Во однос на состојбата со горивата и глобалните предизвици, тој уверува дека ситуацијата во Македонија е стабилна и дека авиосообраќајот се одвива непречено, благодарение на континуираната координација меѓу надлежните институции.























