
Септемвриските пензии ќе се зголемат за 3 отсто, а покачувањето овојпат ќе се спроведе според законското решение, без линеарно зголемување.
Новите износи се очекува да бидат исплатени во текот на следниот месец. Зголемувањето ќе се пресметува врз основа на досегашниот износ на пензијата, што значи дека пензионерите нема да добијат ист фиксен износ.
Во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување веќе се вршат пресметките за новите износи, со цел навремено да се подготви исплатата.
Колку точно ќе изнесува зголемувањето во денари ќе зависи од висината на пензијата што секој пензионер ја прима во моментов.
Во изминатите две години пензиите во четири наврати беа зголемувани линеарно, при што вкупното покачување достигна 7.000 денари.
Минатата година Уставниот суд отвори постапка за оценување на решенијата поврзани со линеарното зголемување, но во март 2026 година постапката беше запрена бидејќи не беше обезбедено мнозинство за донесување одлука.















