
Недостигот на работна сила во земјите од регионот сè повеќе влијае врз растот на платите, особено во професиите кои со години беа меѓу најниско платените. Меѓу нив се и работниците задолжени за одржување на хигиената, чија работа станува сè повреднувана на пазарот на трудот.
Најновите податоци од Хрватска покажуваат дека просечната месечна нето плата достигнала 1.621 евро, што е зголемување од девет проценти во споредба со истиот период минатата година. Средната плата во земјата изнесува 1.500 евра, што укажува на континуиран раст на приходите на голем дел од работниците.
Економските експерти оценуваат дека токму занимањата кои долго време биле потценети ќе бележат најбрз раст на платите во следниот период. Причината е едноставна – компаниите и институциите сè потешко пронаоѓаат работници, па се принудени да понудат повисоки примања и подобри услови за работа.
Слични тенденции се забележуваат и во Србија, каде што платите во услужните дејности, вклучително и во секторот за чистење и одржување на хигиената, се во пораст. Иако овие работници сè уште заработуваат помалку од вработените во некои други гранки, трендот покажува дека нивната позиција на пазарот постепено се подобрува.
Работодавците предупредуваат дека недостатокот на кадар станува сериозен проблем и дека во иднина ќе биде неопходно дополнително зголемување на платите за да се обезбеди доволен број вработени.















