
Дел од домашната научна јавност смета дека јавната дебата за рударството треба да се темели на современите технолошки решенија, а не на искуствата од минатото. Професорот Благој Голомеов од Факултетот за природни и технички науки во Штип нагласува дека денешните технологии овозможуваат контролирана и безбедна експлоатација на минералните суровини.
Во контекст на проектот „Иловица – Штука“, тој оценува дека технолошкиот процес за ископ и обработка на бакарот е едноставен и не претставува опасност за пошироката околина доколку се применува согласно современите стандарди.
„Постојат технолошки процеси кои се бенигни, кои се недеструктивни кон природата. На пример, за бакарот технолошкиот процес е многу едноставен, се користат само ксантати, пеначи и регулатори на средината, односно вар. Околу 90 проценти од тие реагенси се извлекуваат заедно со концентратот, а малото количество што останува за кратко време се разградува и станува целосно безопасно за пошироката околина“, изјави професорот Голомеов.
Од друга страна, металуршкиот инженер Виктор Грозданов, во неодамнешна колумна, оцени дека јавноста е под силен наплив на дезинформации околу технолошкиот процес во проектот во Иловица. Според него, дезинформациите доаѓаат од личности кои за тоа имаат некаков надоместок.
„Јас сум убеден дека овие личности не разбираат ниту тронка од научниот процес за добивање на метали. И кога користат зборови дека ќе се употребува цијанид, јавно кажувам дека со закон е забранета неговата употреба и тоа значи дека сите нѐ дезинформираат и шират невистини. Цијанид или цијанидни супстанци нема и не смеат да се користат во ниту еден новоотворен рудник во Македонија и тоа е затворено прашање за сите во индустријата и науката, освен за оние кои немаат други аргументи „против“, па упорно се држат до своите манипулации“, истакнува металургот Грозданов.
Претходно и професорот и геолог Ѓорѓи Димов ги коментираше инвестициите во рударството, истакнувајќи дека рударството сега е многу развиено и старите практики се одамна надминати. Тој додаде дека Македонија и стручната фела имаат искуство и знаење, односно имаме домашни капацитети за големи проекти. Како позитивен пример, Димов го посочи рудникот за бакар „Скуриес“ на Халкидики во Грција.
„Не гледам зошто не би можеле и ние да го следиме тој пример. Ако отидете да видите во „Скуриес“ веќе две години се подготвува таа нова технологија, која овозможува многу мала емисија, практично нула емисија на загадување, ако можеме така да кажеме. Сите патишта на емисиите се следат, има постојан мониторинг“, изјави Димов.
Инаку, покрај коментарите за методите на експлоатација на бакар, професорот Голомеов нагласи и дека Македонија има две значајни економски предности – земјоделството и минералните суровини, но економскиот ефект кај двете гранки е различен.
„Рударството може да создаде значаен економски придонес без долгорочни државни субвенции како кај земјоделството. Но, минералното богатство е необновлив ресурс и мора да се користи внимателно. Приходите од него треба да бидат насочени кон развој на инфраструктурата, образованието и енергетската независност, за придобивките да останат и за идните генерации. Треба да се напомене дека 120 илјади луѓе вработени во земјоделието даваат ист економски ефект како шест илјади луѓе вработени во рударството. Притоа, за субвенционирање на земјоделството се трошат некаде сто милиони евра од буџетот, додека во рударството не се вложува ништо дополнително и не треба“, потенцира Голомеов.
Неодамна и универзитетскиот професор Горан Начевски потенцира дека доколку инвеститорот во рудникот за бакар во „Иловица-Штука“ вложи во најсовремени технологии за заштита, проектот може да биде во функција на економијата без да ја загрози животната средина.

















