
Народната банка, во партнерство со Светската банка, забрзано чекори кон целосна интеграција на домашниот платен систем во европските финансиски текови, при што членството во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) веќе почнува да носи први видливи придобивки за граѓаните и компаниите: пониски трошоци, побрзи трансакции и поголема транспарентност кај прекуграничните плаќања.
Овие процеси беа во фокусот на неодамнешните средби во Вашингтон, одржани во рамки на пролетните заседанија на Светската банка и ММФ, каде гувернерот д-р Трајко Славески разговараше со високи претставници на институцијата, меѓу кои заменик-претседателката Антонела Басани и регионалната директорка за Западен Балкан Шјаочјинг Ју. Разговорите потврдија дека Светската банка останува силен поддржувач на реформите во македонскиот финансиски сектор.
Во центарот на реформската агенда е модернизацијата на платните системи, со посебен акцент на воведување инстант плаќања во земјата. Народната банка работи на воспоставување систем базиран на т.н. „клон“ на европскиот TIPS систем, кој Европската централна банка го развива за земјите од Западен Балкан преку Банката на Италија.
За реализација на овој проект, Народната банка и Светската банка веќе потпишаа договор за техничка соработка. Со него се обезбедува експертска поддршка во дизајнот, имплементацијата и усогласувањето на системот со европските стандарди, со цел да се изгради современа и сигурна инфраструктура за моментални плаќања.
Покрај тоа, процесот на приклучување кон СЕПА се оценува како клучен чекор во европската финансиска интеграција. Вклучувањето на домашните банки во шемата за кредитни трансфери на СЕПА веќе придонесува за поефикасни и поевтини прекугранични трансакции во евра, што директно се одразува врз бизнис-секторот и граѓаните.
Соработката со Светската банка, како што беше истакнато на средбите, опфаќа поширок спектар на реформи: од јакнење на финансиската стабилност и супервизорските капацитети, до развој на макропрудентни политики, управување со ризици и забрзана дигитализација на финансискиот систем. Дополнително, се работи и на унапредување на финансиската вклученост и приближување кон меѓународните регулаторни практики.
Во рамки на престојот во Вашингтон, делегацијата на Народната банка учествуваше и на заедничка тркалезна маса со претставници од централните банки на неколку земји од регионот, Светската банка и Банката на Италија. Таму беа разгледани следните чекори за имплементација на инстант платниот систем и неговото регионално поврзување, што се смета за важен чекор кон поинтегриран и дигитално поврзан финансиски простор во Западен Балкан.























