
Припадниците на Генерација Z денес заработуваат повеќе отколку што заработувале миленијалците кога биле на иста возраст, покажува најновото истражување на британската фондација „Resolution“.
Според анализата, младите на возраст од 24 години имаат во просек за околу 12 проценти повисоки неделни приходи во споредба со претходната генерација на почетокот од нивната кариера. Ова е значајна промена по долг период во кој се сметаше дека секоја нова генерација има потешки услови за напредок од претходната.
Експертите објаснуваат дека миленијалците беа сериозно погодени од последиците на глобалната финансиска криза во 2008 година, која доведе до застој на платите и намалени можности за професионален развој. Наспроти тоа, Генерација Z започна да влегува на пазарот на труд во поинакви економски околности.
Особено впечатлив е растот на платите кај работниците со најниски примања. Во периодот од 2012 до 2025 година, нивните заработки пораснале за 36 проценти. Кај младите со просечни примања, зголемувањето изнесува околу 15 проценти.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека позитивниот тренд не е гарантиран и во иднина. Инфлацијата, забавувањето на економијата и растечкиот број млади кои не работат, не се школуваат и не посетуваат обуки би можеле да го забават напредокот.
Според податоците на Меѓународната организација на трудот, во светот моментално има околу 262 милиони млади луѓе кои не се вклучени ниту во работа ниту во образование, што претставува речиси една петтина од младата популација.

















