УТРО.мк

Митреска: Банкарскиот систем е поотпорен, но растот на кредити бара внимателно следење на ризиците

Митреска: Банкарскиот систем е поотпорен, но растот на кредити бара внимателно следење на ризиците
Vero

На состанок во Сараево, посветен на монетарните политики во Централна и Источна Европа и организиран од Банката за меѓународни порамнувања (БИС), вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, упати порака за стабилен, но сè уште внимателно следлив банкарски сектор во регионот.

Таа оцени дека финансискиот систем значително закрепнал во однос на периодот пред пандемијата и денес покажува повисока отпорност. Како клучни индикатори за таа стабилност ги посочи зголемената капитална адекватност, која достигнува 20,7 проценти на регионално ниво (наспроти помалку од 19 проценти пред кризата), како и значителното намалување на нефункционалните кредити на околу 2,5 проценти, од приближно 6 проценти во претпандемискиот период.

Сепак, Митреска предупреди дека добрите биланси не значат и опуштање. Напротив, засилениот кредитен циклус и брзиот раст на пазарот на недвижности отвораат нови ризици кои бараат постојана будност. Според неа, само во 2025 година кредитната активност во регионот бележи раст од околу 14 проценти, највисоко ниво во последните десет години – додека цените на недвижностите во изминатите пет години во просек се зголемиле за околу 80 проценти.

Во таква средина, таа нагласи дека клучна останува дисциплината во следењето на квалитетот на кредитните портфолија, редовните стрес-тестирања и подготвеноста за примена на макропрудентни мерки доколку ризиците се засилат.

На собирот, покрај претставници од централните банки на регионот, учествуваат и претставници на Европската централна банка, кои дискутираат за инфлацијата, економските перспективи, финансиската стабилност, геополитичките притисоци, како и сè поголемата улога на вештачката интелигенција во современото централно банкарство.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран