
Светските резерви на нафта се на работ на исцрпување, предупредува Клеменс Фуест, претседател на економскиот институт Ифо, доколку конфликтот меѓу Израел, САД и Иран продолжи и побарувачката на нафта остане висока. Според него, во случај 25% од вообичаеното снабдување да стане недостапно и ако Ормутскиот теснец биде затворен, стратешките резерви би можеле да траат само три месеци. „Не можеме да знаеме колку долго ќе трае овој конфликт, па се поставува прашањето дали е мудро толку рано да се ослободат резервите“, додава Фуест.
Ден претходно, Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) најави ослободување на 400 милиони барели сурова нафта од складиштата на 32 земји-членки, со цел да се смири растот на цените. Тоа изнесува околу една третина од вкупните 1,2 милијарди барели резерви на нафта, плус 600 милиони барели од индустриските складишта.
„Резервите не се создадени за постојано да ја надоместуваат недостапната нафта. Засега, ценовниот шок не предизвикува сериозни проблеми“, појаснува Фуест.
Меѓутоа, Германија веќе го чувствува притисокот на растот на цените. Анализата на Ифо покажува дека бензинот и дизелот поскапеле побрзо отколку во соседните земји како Полска, Франција, Чешка и Австрија. Според Фуест, разликата во цената од околу 20 центи по литар од почетокот на годината не може да се објасни само со поскапувањето на суровата нафта.























