УТРО.мк

Македонија и Велика Британија отвораат пат за директни авиолинии

Македонија и Велика Британија отвораат пат за директни авиолинии
Vero

Македонија и Велика Британија потпишаа Меѓудржавен договор за редовен авиосообраќај, кој овозможува воведување на директни линии меѓу двете земји. Договорот беше потпишан во Лондон од вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николовски, и неговиот британски колега Киер Метер, со цел да се зголеми бројот на туристи и да се подобрат воздушните конекции.

„Договорот овозможува поголема слобода и флексибилност за авиокомпаниите, нови услуги и ефикасно работење, додека патниците ќе добијат подобри конекции, нови дестинации и конкурентни цени“, изјави Николовски. Тој нагласи дека домашните аеродроми имаат потенцијал да опслужуваат нови авиокомпании и зголемен број на патници.

Договорот, исто така, ја уредува интермодалната транспортна соработка, што е особено значајно за карго сообраќајот, и гарантира висок степен на безбедност според ИКАО-стандардите.

Британската авиокомпанија „Бритиш ервејс“ првпат поврза Лондон со Скопје во 1999 година, но линијата беше краткотрајна. Иако во 2009 година имаше обид за враќање на услугата, линијата повторно не беше воспоставена. Во 2025 година се преговараше и со нискобуџетниот британски превозник „Рајанер“, но Владата ја одби понудата поради неприфатливите услови, како што се ексклузивна опслуженост на аеродромите и високи субвенции за секој патник.

Од операторот „ТАВ Македонија“ најавија дека ќе се фокусираат на зголемување на поврзаноста со Велика Британија и Шпанија, како и со нови пазари во Данска, Финска и Блискиот Исток.

Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, истакна дека целта е континуиран раст и подобрување на услугите за патниците преку развој на нови авиорути.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран