
Интерконекцијата со Албанија станува реалност, порача директорот на АД МЕПСО, Бурим Љатифи, по денешниот увид во градежните работи на стратешкиот проект за поврзување на енергетските системи на двете земји.
Заедно со тимот на МЕПСО, Љатифи изврши увид во текот на работите за изградба на 400 kV интерконекцијата меѓу Северна Македонија и Албанија – проект од особено значење за енергетската иднина на двете земји и на регионот.
Како што информираше Љатифи, со задоволство е констатирано дека изградбата на новата 400 kV трафостаница во Охрид влегува во завршна фаза. По завршувањето на инсталацијата на примарната и секундарната опрема, веќе се започнати оперативните и функционалните тестирања, кои претставуваат последен чекор пред пуштањето во употреба на објектот.
Истовремено, интензивно напредуваат и работите на 400 kV далекувод Битола–Елбасан. Станува збор за клучен дел од поширокиот енергетски коридор Исток-Запад, кој треба да ги поврзе преносните системи на Бугарија, Северна Македонија, Албанија и понатаму кон Италија. На терен веќе е започната монтажата на првите столбови, од кои дел се поставени, а градежните активности продолжуваат долж целата траса.
Станува збор за далекувод со должина од 97,5 километри на македонска територија, поставен на 269 челично-решеткасти столбови, како и нова 400/110 kV трафостаница во охридско-струшкиот регион и ново далекуводно поле во ТС Битола 2.
„Овој напредок ја потврдува нашата посветеност за реализација на проектот во согласност со предвидените рокови. Со завршувањето на оваа интерконекција ќе воспоставиме нова стратешка енергетска врска меѓу Северна Македонија и Албанија, ќе ја зајакнеме сигурноста на преносната мрежа, ќе ги зголемиме прекуграничните капацитети и ќе придонесеме за уште посилна интеграција на регионалниот пазар на електрична енергија“, истакна Љатифи.
Од МЕПСО потсетуваат дека станува збор за проект со регионално значење и PECI статус, односно Проект од интерес на Енергетската заедница, чија реализација беше рестартирана по изборот на меѓународен конзорциум предводен од хрватската компанија DALEKOVOD d.d. за изведувач на далекуводот од ТС Битола 2 преку ТС Охрид до границата со Албанија.

















