
Волстрит во четвртокот повторно заврши во позитивен индекс, бележејќи раст втор ден по ред, иако пазарното расположение остана нестабилно поради нова ескалација на тензиите на Блискиот Исток и прекршување на најавеното примирје меѓу САД и Иран.
Инвеститорите реагираа на зголемената геополитичка неизвесност, која брзо ја засени првичната еуфорија од договорот за привремено примирје. По силниот скок од над 2,5% во претходната сесија, американските индекси во текот на денот прво се лизнаа во негативна зона, за потоа повторно да се стабилизираат и да завршат со раст.
Dow Jones порасна за 0,58% и се искачи на 48.185 поени, S&P 500 напредуваше за 0,62% до 6.824 поени, додека Nasdaq забележа најсилен дневен раст од 0,83% и достигна 22.822 поени.
Ситуацијата дополнително се усложни по извештаите за нова ескалација во регионот, вклучувајќи и силни напади врз Либан, каде што, според информациите, загинале повеќе од 250 лица. Израелските власти, пак, порачаа дека постојниот договор за примирје не се однесува на операциите во Либан, што дополнително ја зголеми неизвесноста на глобалните пазари.
Истовремено, вниманието на инвеститорите го задржа и енергетскиот сектор, откако Ормутскиот теснец остана делумно затворен за танкери, со ограничен проток дозволен само во посебни случаи одобрени од Иран. Ова придонесе за нов раст на цените на нафтата и дополнителен притисок врз пазарите.
Во таква атмосфера, азиските берзи во текот на утринското тргување забележаа пад, тренд што подоцна се прелеа и на европските пазари. Индексите во Лондон, Франкфурт и Париз исто така завршија во минус, одразувајќи ја зголемената глобална претпазливост.























