УТРО.мк

Гувернерот Славески со појаснување за привремените мерки во Алта банка

Гувернерот Славески со појаснување за привремените мерки во Алта банка
Vero

Воведувањето администрација во Алта банка АД Битола е привремена мерка за заштита на штедачите, имотот и стабилноста на банката до очекуваната промена на сопственоста, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.

https://x.com/tslaveski/status/2117188341355405455?a=uMUvhSV0QwS_ieqayZc&s=46

Тој нагласува дека мерката не значи затворање на банката, отворање стечај или одземање на дозволата за работа.

Според Славески, Алта банка е ликвидна, високо капитализирана и има солиден квалитет на кредитното портфолио. Нејзиното работење продолжува под непосреден супервизорски надзор на Народната банка, со привремени ограничувања.

Средствата на клиентите остануваат на нивните сметки. За физичките лица е утврден неделен лимит од 10.000 денари за готовински подигања и плаќања кај трговци преку платежните картички. Внатрешните плаќања во рамките на банката остануваат неограничени.

Правните лица привремено нема да можат да префрлаат средства надвор од банката преку платните системи, ниту да подигнуваат готовина од банкомати или шалтери. Ќе можат да вршат неограничени плаќања кон други правни и физички лица што имаат сметки во истата банка.

Славески посочува дека промената на сопственоста се очекува наскоро, но во објавата не наведува конкретен рок.

Осврнувајќи се на наводите за прекугранични трансфери, гувернерот нагласува дека префрлањето средства меѓу држави само по себе не претставува сомнителна активност. За оцената, според него, се важни природата, основата и околностите на трансакцијата, како и нејзината законитост.

Тој уверува дека банкарскиот систем е стабилен и отпорен, а Народната банка постојано ги следи ликвидноста, капиталната позиција и изложеноста на ризици на банките.

Славески повика довербата во банкарскиот систем да се темели на проверени информации и факти, најавувајќи навремено информирање на јавноста за сите промени.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран