УТРО.мк

Електричната иднина зависи од бакарот – потребни се 332 милијарди долари за нови рудници

Електричната иднина зависи од бакарот – потребни се 332 милијарди долари за нови рудници
Vero

Електричните автомобили, обновливите извори и индустријата ја зголемуваат побарувачката, а недостигот на бакар може да трае со децении

Преминот кон електрична енергија и почист транспорт отвора нов предизвик за светската економија – дали ќе има доволно бакар за да ги поддржи промените што се планираат во следните децении?

Според најновите проценки на BloombergNEF, побарувачката за бакар за потребите на електрификацијата ќе порасне за 89% до 2050 година, достигнувајќи 23,3 милиони тони. За да се избегне сериозен недостиг, потребни се нови инвестиции од околу 332 милијарди долари во рудници за бакар.

Бакарот е една од клучните суровини за електричната мобилност. Се користи во електромоторите, инверторите, батериите, високонапонските кабли и полначите за електрични автомобили, камиони и автобуси. Неговата улога не завршува тука – тој е неопходен и за градежништвото, индустриското производство и широк спектар производи за секојдневна употреба.

„Електричниот транспорт е најбрзо растечката примена на бакарот“, се истакнува во извештајот, во кој се предупредува дека побарувачката ќе продолжи да расте, додека производителите се соочуваат со тешкотии да го компензираат падот на производството.

Проценките укажуваат дека пазарот може да влезе во дефицит веќе во 2028 година. Дополнителен проблем е времето потребно за развој на нови рудници – во просек околу 17 години. Поради тоа, дури и со новите инвестиции, недостигот би можел да се задржи најмалку до 2043 година.

Ова го прави бакарот многу повеќе од индустриска суровина. Тој станува еден од предусловите за реализација на енергетската транзиција, а навременото обезбедување стабилни извори на снабдување ќе биде клучно за економиите што сакаат да останат конкурентни.

Во Македонија единствена нова инвестиција за бакар е во рудник во Иловица, чија првична тежина изнесува околу 350 милиони евра. Оваа инвестиција се уште не е реализирана, иако се изминати повеќе од 22 години од дозволата за геолошки истражувања на наоѓалиштето, издадена во 2004 година. Подоцнежните истражувања покажаа дека е возможно просечно годишно производство до 16 илјади тони бакар, со животен век на рудникот од околу 23 години. Претходно и во анализа на професори од Универзитетот во Штип беше нагласено дека порфириското наоѓалиште на бакар „Иловица-Штука“ останува најголемиот потенцијал за гринфилд рударски проект во Македонија.

Инаку, според аналитичарите, на светско ниво веројатно има доволно бакар под земја, но новите рудници и проширувањето на постојните не напредуваат доволно брзо за да го компензираат намалениот принос од постојните наоѓалишта. 

„Тешкотиите со кои се соочува рударството во зголемувањето на производството се главната тема во еден многу, многу тесен пазар. Веќе се намалуваат проценките во постојните рудници. Станува збор за истрошени, многу стари наоѓалишта и недостаток на развој на нови ископи за снабдувања на пазарот“, изјави Еви Хамбро, глобален раководител за тематски и секторски инвестиции во BlackRock Inc., во интервју за Bloomberg.

Се очекува намалувањето на концентратот на бакар во ископаната руда да ги зголеми трошоците за производство, а рециклирањето да не биде доволно за да го компензира понискиот принос од примарните извори. Од друга страна, високата електрична спроводливост и издржливоста на бакарот отежнуваат тој да биде заменет со други метали.

Ваквата состојба со критичните суровини, каков што е и бакарот, која силно ќе влијае на економиите, а со тоа и на националната безбедност, го крена црвениот аларм во Германија. Канцеларот Фридрих Мерц, минатата недела на самит за енергетика, посочи дека Европа мора да создаде залихи од критични суровини за да ја намали зависноста од земјите што доминираат во нивното ископување и преработка.

„Без критични суровини не би имало батерии, ниту електрични мотори со високи перформанси, ниту современи полупроводници, а ниту многу други технологии од кои ќе зависат нашите економии во иднина. Државите мора да помогнат во диверзификацијата на изворите на снабдување, да го зајакнат рециклирањето и циркуларната економија – ова е многу конкретен предлог што го изнесувам – Брисел да создаде залихи, на европско ниво“, истакна Мерц.

Како што потсети Ројтерс, Европската Унија, заедно со другите големи западни економии, во значителна мера зависи од Кина за критични минерали и компоненти, како што се батериите и ретките земни елементи, кои се користат во одбраната, воздухопловство и вселенска индустрија, автомобилската индустрија и обновливите извори на енергија.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран