УТРО.мк

Добра вест за наставниците: Еве за колку ќе се зголемат платите од март 2027 година

Добра вест за наставниците: Еве за колку ќе се зголемат платите од март 2027 година
Vero

Наставниците во основните и средните училишта во Македонија од март 2027 година ќе добијат зголемување на платите од најмалку 7,5 проценти, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Според министерката, средствата за ова покачување веќе се предвидени во буџетот, со што, како што истакна, продолжува реализацијата на ветувањата за подобрување на финансиската состојба на просветните работници.

„Тоа што го ветивме, го остваруваме“, порача Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на конференцијата „Образованието на возрасните и доживотното учење – инвестиција во луѓето и иднината“, одржана во Скопје.

Промени во финансирањето на училиштата

Министерката се осврна и на најавените промени во распределбата на блок-дотациите за основните и средните училишта, кои предизвикаа прашања за финансиската стабилност на дел од образовните установи.

Јаневска објасни дека целта на новата формула е поправедно распределување на средствата и постепена оптимизација на училишната мрежа.

Според неа, образовниот систем со години се соочувал со организациски и финансиски проблеми кои сега треба да се надминат.

Споени 433 паралелки, наставниците ќе добиваат дополнителни задачи

Во рамките на оптимизацијата досега биле споени 433 паралелки, а процесот треба да продолжи и во наредните години.

Јаневска нагласи дека наставниците кои поради спојувањето на паралелките ќе имаат намален фонд часови ќе можат да бидат вклучени во други образовни активности.

Во основните училишта дел од наставниците ќе бидат ангажирани во дневен престој, додека во повисоките одделенија и средните училишта ќе се организираат дополнителни и воннаставни активности.

Тие ќе опфатат работа со талентирани ученици, дополнителна помош за учениците кои имаат тешкотии во учењето, како и општествено корисни активности.

Според министерката, целта е процесот на оптимизација да заврши во период од четири до пет години.

Јаневска: Образовниот систем не смее да служи како социјална мерка

Министерката порача дека во наредниот период мора внимателно да се пристапува кон нови вработувања во училиштата.

Според неа, во минатото образовниот систем често бил користен за згрижување невработени наставници, без доволно да се води сметка за реалните потреби и бројот на ученици.

Јаневска смета дека општините треба поодговорно да управуваат со средствата за образование и да создаваат услови за подобар квалитет на наставата.

Таа нагласи дека очекува реформите да се спроведат без негативни последици врз образовниот процес, со подобра организација на наставниот кадар и поефикасно искористување на средствата.

Во меѓувреме, најавеното мартовско покачување на платите од најмалку 7,5 проценти останува една од главните мерки за подобрување на материјалната положба на наставниците.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран