
26 јануари – Меѓународниот ден на чистата енергија Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја потенцира важноста на соларната енергија за одржлив развој на земјата.

„Македонија има сонце. И има потенцијал“, изјави министерката Сања Божиновска, нагласувајќи дека со над 280 сончеви денови годишно, соларната енергија е еден од најсилните адути во енергетската транзиција. Таа додаде дека на терен веќе се гледа раст на фотоволтаици, интерес од инвеститори и граѓани, како и конкретни државни проекти што ја движат промената.
Министерството, според Божиновска, не е само регулатор, туку активен двигател со јасна визија и фокус на државни инвестиции во соларни капацитети и системи за складирање енергија, како и политика што поддржува декарбонизација и модернизација на енергетскиот систем.

„Енергетската транзиција не се гради сама. Таа бара партнерство – со бизнис секторот, академијата и граѓаните. Само заедно можеме да изградиме модерен, сигурен и одржлив енергетски систем“, додаде Божиновска.



























