
Амстердамскиот аеродром Схипхол одлучи да им излезе во пресрет на авиокомпаниите со нова мерка за намалување на трошоците, во услови на растечки цени на горивото предизвикани од геополитичките тензии на Блискиот Исток.
Според објавата на управата на аеродромот, се воведува привремен попуст од 10 проценти на аеродромските такси, кој ќе важи исклучиво за дневните летови. Мерката ќе започне да се применува на 27 април годинава и ќе трае до крајот на март следната година.
Од Схипхол појаснуваат дека одлуката е директен одговор на наглиот скок на цената на авионското гориво, кое во последниот период значително поскапело. „Авиокомпаниите се соочуваат со ненадеен и силен пораст на трошоците поради високите цени на керозинот“, наведуваат од аеродромот.
Иако оваа финансиска олеснителна мерка ќе има краткорочно негативно влијание врз приходите на Схипхол, менаџментот уверува дека таа нема да ги загрози долгорочните планови за инвестиции во инфраструктурата во наредната деценија.
Схипхол, кој важи за еден од најфреквентните, но и поскапите аеродроми во Европа, се соочува со ситуација во која глобалниот енергетски пазар силно се одразува врз воздухопловниот сектор. Според податоците цитирани од Ројтерс, цената на керозинот речиси се удвоила од почетокот на конфликтот, што дополнително ги зголемува загриженостите кај европските превозници за потенцијални прекини во снабдувањето.
Европа инаку задоволува меѓу 30 и 40 проценти од своите потреби за авионско гориво преку увоз, а повеќе од половина од тие количества пристигнуваат токму од регионот на Блискиот Исток.
Сепак, холандските власти засега остануваат смирени во однос на ризикот од недостиг. Оваа недела тие порачаа дека нема индиции за сериозни проблеми со снабдувањето со гориво за авијацијата. Според официјалните податоци, резервите на керозин во Холандија моментално се на околу 78 проценти од вообичаеното ниво, а државата посочува и на постоење на солидни залихи и увозни механизми.























