
Авионот на британската авиокомпанија Jet2, кој летал на релација Анталија (Турција) – Манчестер (Велика Британија), бил принуден итно да слета во Брисел, Белгија, откако за време на летот избувнала жестока тепачка меѓу патници, со што била загрозена безбедноста на летот.
Според извештаите, инцидентот започнал со вербална расправија меѓу двајца патници, која брзо ескалирала во физичка пресметка во патничката кабина. На видеоснимките кои се појавија на социјалните мрежи се гледаат патници како разменуваат удари во авионскиот ходник, додека други патници врескаат и се обидуваат да се тргнат на страна.
Екипажот се обидел да ја смири ситуацијата, но поради сериозноста на инцидентот пилотот донел одлука за пренасочување и принудно слетување во Брисел. По слетувањето, на авионот му пристапиле белгиските безбедносни служби кои ги извеле двајцата патници инволвирани во тепачката, по што летот продолжил кон Манчестер.
Авиокомпанијата Jet2 соопшти дека двајцата патници ќе добијат доживотна забрана за летање со компанијата и дека ќе се бара надомест на трошоците настанати поради пренасочувањето на летот.
Според сведоштва на патници, конфликтот наводно започнал поради навредливи и расистички коментари, по што ситуацијата дополнително се влошила и прераснала во физичка пресметка, создавајќи паника меѓу останатите патници, меѓу кои имало и деца.
Надлежните органи отворија истрага за инцидентот, а од авиокомпанијата нагласија дека имаат нулта толеранција за насилно и недолично однесување во авиони, истакнувајќи дека безбедноста на патниците и екипажот е апсолутен приоритет.
Останува да се утврдат сите околности за настанот и можните кривични последици за инволвираните лица.























