
Снимка од возило зафатено со силен пожар се шири на социјалните мрежи и предизвикува бројни реакции во Македонија. На видеото се гледа светло теренско возило чиј преден дел е целосно зафатен од пламен, додека лицето што го снима инцидентот упатува сериозни обвинувања кон засега неидентификувани лица.
„Глупаците од ТикТок ми го запалија џипот. Ќе одговарате за ова“, се слуша на снимката, додека огнот брзо се шири околу предниот дел на автомобилот.
Видеото за кратко време почна масовно да се споделува, но засега нема официјална потврда за идентитетот на лицето што го снимило, ниту доказ дека пожарот бил намерно предизвикан од лица поврзани со социјалната мрежа ТикТок.
Снимката се поврзува со пожарот на улицата „Финска“
Според објавите на социјалните мрежи, снимката се поврзува со пожарот што утринава избувна на улицата „Финска“ во Скопје. Меѓутоа, надлежните институции сè уште официјално немаат потврдено дека станува збор за истиот настан.
Министерството за внатрешни работи информира дека на 20 септември 2026 година, во 6:05 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „Финска“ било опожарено патничко возило „шевролет каптива“ со кумановски регистарски ознаки.
Возилото било во сопственост на 40-годишниот Д.Н. од Куманово. Пожарот се проширил и зафатил уште едно паркирано возило – „фолксваген голф 4“ со скопски регистарски ознаки.

















