Во тешка сообраќајна несреќа што се случи денеска околу 14 часот на експресниот пат Штип – Велес, во близина на крстосницата кон селото Иванковци, загина еден маж, а 18-годишно момче од Струмица е тешко повредено.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата се случила при директен судир на две патнички возила. Увид на местото извршила екипа на СВР Штип, а биле повикани и пожарникари од Противпожарната единица Велес.
Д-р Елена Најдовска од Итната медицинска помош во Велес за МИА изјави дека нивната екипа била повикана во 14:20 часот и пристигнала за десетина минути. Таа потврди дека кај еден од возачите – повозрасен маж – била констатирана смрт на самото место, додека 18-годишното момче од другото возило било повредено во пределот на карлицата, коленото и главата, но било свесно и контактибилно.
По укажаната прва помош, повредениот тинејџер бил пренесен во Ургентниот центар при Општата болница во Велес.
Автомотосојузот на Македонија соопшти дека сообраќајот на експресниот пат Штип – Велес е во прекин во двата правца додека трае увидот.