
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски синоќа во емисијата „Заспиј ако можеш“ на телевизија Алфа сподели алармантни податоци за сообраќајната култура и ефикасноста на досегашните санкции. Тој откри дека во Македонија постојат возачи со екстремно голем број забрани за управување возило кои и понатаму продолжуваат да возат.
Според статистиката на МВР за последните четири години, најголемиот дел од прекршителите, односно 55.435 граѓани, имаат по една изречена забрана. Вкупно 7.987 лица се соочиле со втора забрана, додека 1.863 возачи имаат по три правосилни пресуди за забрана за управување возило.
„Имаме 687 лица со четири забрани, 291 со пет забрани, а имаме и рекордери – двајца возачи кои имаат по дури 40 изречени забрани за управување моторно возило“, истакна Тошковски.























