
Трагедијата во скопската населба Тафталиџе, во која животот го загубија мајка и нејзината шестгодишна ќерка, можеби можела да биде спречена – тврдат соседите кои со месеци слушале расправии и повици за помош од станот каде што живеело семејството.
Сосетката Тања Спировска во изјава за медиумите раскажува дека насилството не било изолиран инцидент, туку проблем што траел подолг период. Според неа, повеќе соседи пријавувале галама и сомнеж за семејно насилство.
Таа открива дека девојчето често било исплашено и во неколку наврати бегало од станот и тропало по вратите на соседите барајќи помош за мајката.
„Комшиите кажуваа дека детето тропало по врати и барало помош. Еднаш во два часот по полноќ се слушна како вика: ‘Тато ќе ја убиеш мама’“, раскажува сосетката, додавајќи дека таа реченица засекогаш ќе ѝ остане во сеќавање.
Според нејзините зборови, неколку пати биле поднесени пријави до полицијата. Во некои случаи полицијата интервенирала, но соседите сметаат дека реакцијата на институциите не била доволна за да се спречи трагичниот исход.























