Скопската полиција открила огромен даночен скандал во кој, според истрагата, државниот буџет бил оштетен за повеќе од 31 милион денари. Кривични пријави се поднесени против М.С. (40) од Делчево, сопственик и управител на скопска фирма, како и против самото правно лице.
Според МВР, пријавениот намерно прикажувал помал даночен долг во поднесените даночни пријави, со што избегнал да го плати вистинскиот износ на ДДВ. Контролите утврдиле дека дел од прометот од продажба на основни средства и материјали воопшто не бил евидентиран, а фирмата прикажувала лажни податоци за да ја намали својата обврска кон државата.
На тој начин, М.С. и неговата фирма се стекнале со противправна корист од 31.433.522 денари, додека буџетот останал покус за истиот износ.
Против сопственикот се води постапка за кривичните дела „даночно затајување“ и „оштетување или повластување доверители“, а фирмата се товари за „даночно затајување“.
Полицијата најавува дека случајот продолжува да се истражува и дека се можни нови детали околу скриените финансиски трансакции.























