Двајца возачи од велешко и тетовско се лишени од слобода откако биле затекнати како управуваат возила со брзина значително над дозволената.
На 17 август 2025 година, околу 15:15 часот на автопатот Скопје–Тетово, кај наплатната станица во село Желино, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово го лишиле од слобода Б.А. (28) од село Горно Оризари, велешко. Тој управувал „Фолксваген“ со скопски регистарски ознаки со брзина од 178 километри на час, иако максимално дозволената брзина на тој дел од патот е 100 километри на час.
Околу 15:45 часот, на булевар „Маршал Тито“ во Тетово, полицијата го привела и Б.М. (20) од село Камењане, тетовско. Тој управувал „БМВ“ со тетовски регистарски таблички со брзина од 102 километри на час, на место каде што дозволената брзина е 50 километри на час.
Двајцата возачи биле спроведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите, против нив ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“.