
СВР Битола поднесе кривична пријава против три физички и едно правно лице од Прилеп, поради сомнение дека со незаконски активности го оштетиле АД „Тутунски комбинат“ Прилеп за над 3,3 милиони денари.
Како што соопшти полицијата, пријавени се Љ.Б. (59), кој се сомничи за „проневера во службата“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“, како и К.С. (60), осомничен за „несовесно работење во службата“.
Кривична пријава е поднесена и против Ј.Д. (41), поради сомнение за „прикривање“ и „фалсификување службена исправа“, како и против правно лице од селото Мало Коњари, прилепско, поради сомнение за кривично дело „прикривање“.
Според информациите од истрагата, првопријавениот во периодот 2021/2022 година работел како координатор на група за обезбедување во Тутунски комбинат Прилеп, додека второпријавениот бил генерален извршен директор на компанијата. Третопријавениот, пак, бил сопственик и управител на фирма овластена за откуп и продажба на отпадни материјали, која имала склучено договор со Комбинатот.
Сомнежите се однесуваат на продажба на отпадно железо во првото тримесечје од 2022 година. Според полицијата, на првопријавениот, по усмен предлог на тогашниот генерален извршен директор, му било овозможено да ја спроведе продажбата на отпадот, иако за тоа бил надлежен референтот за управување со отпад.
Во февруари 2022 година, според пријавата, биле прикриени најмалку 185.000 килограми отпадно железо од Работната единица „Заводи“ во Мажучиште. Железото не било евидентирано на сметка на Тутунски комбинат, туку било предадено на фирма од Мало Коњари, која го откупила по цена повисока за два денари по килограм.
Наместо средствата од продажбата да бидат уплатени на сметката на Тутунски комбинат, биле изготвени фиктивни откупни белешки на име на осум физички лица, за наводно предадено отпадно железо. Парите биле префрлани на банкарските сметки на седум лица и на личната сметка на првопријавениот.
Според полицијата, по уплатата средствата биле подигнувани во готово и му биле предавани на првопријавениот. На овој начин биле префрлени вкупно 3.338.328 денари, за колку што е оштетен Тутунски комбинат Прилеп.

















