
Единицата за насилен криминал – Одделението за насилен криминал при СВР Скопје, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава по итна постапка против тројца скопјани, поради сомнение за сторени кривични дела „изнуда“ и „насилство“.
Пријавени се В.А. (26), Д.А. (27) и С.С., сите од Скопје, за кои постојат основи на сомнение дека ги сториле делата предвидени во членовите 258 и 386 од Кривичниот законик.
Според пријавеното, на 17 август 2026 година околу 15:20 часот, на подрачјето на општина Аеродром, поради претходно нерасчистени должничко-доверителски односи, тројцата физички нападнале 28-годишен скопјанец и му упатувале закани нему и на членовите на неговото семејство.
По преземените мерки, полициски службеници ги обезбедиле В.А. и Д.А., додека за С.С. е распишан централен распис. Од страна на полицијата е обезбеден и доказен материјал поврзан со случајот.
В.А. и Д.А. биле изведени пред судија на претходна постапка. На В.А. му е определена мерка домашен притвор во траење од 30 дена, додека на Д.А. му се определени мерки на претпазливост.
За С.С., кој не бил достапен на органите на прогонот, судијата определил мерка притвор во отсуство.

















