
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струга против едно физичко и едно правно лице поради сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“.
Според информациите од Финансиската полиција, првопријавениот Б.З., во својство на сопственик и управител на правниот субјект, во бруто-билансот за 2025 година имал прикажано застарени и ненамирени обврски во вкупен износ од 30.946.170 денари.
Како што е наведено во кривичната пријава, овие обврски биле застарени согласно Законот за облигационите односи, а за нив не биле поведени судски постапки за наплата. И покрај тоа, тие не биле признаени како приход во даночниот биланс за 2025 година.
Поради тоа, според наводите на Финансиската полиција, не бил пресметан, пријавен и платен данок на добивка во износ од 3.094.617 денари.
Дополнително, пријавениот не ги евидентирал како непризнаени расходи за даночни цели книговодствено евидентираните позајмици кон физички лица во износ од 14.254.665 денари, кои не биле вратени до крајот на 2025 година.
За овој износ, според пријавата, не бил пресметан, пријавен и платен данок на добивка од 1.425.467 денари.
Од Финансиската полиција информираат дека со наведените дејствија физичкото и правното лице не ги пресметале, не ги пријавиле и не ги уплатиле законски утврдените даночни обврски.
Со тоа, според пријавата, Буџетот на Република Македонија бил оштетен за вкупно 4.520.084 денари.

















