Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава против полициски службеник вработен во ПС Чаир при СВР Скопје.
Според информациите, пријавениот Д.С. се сомничи за кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в став 4 од Кривичниот законик.
Тој во просториите на Одделението за управни работи Скопје подигнал 11 лични карти и список-извештај за скенирани лични карти на лица од подрачјето на ПО Мирковци, Општина Чучер Сандево. Наместо да ги достави документите во ПО Мирковци, со што граѓаните би можеле навремено да ги подигнат, полицаецот не ги предал ниту пак пријавил дека недостигаат.
Со ваквото постапување, како што соопшти МВР, на граѓаните им е нанесена материјална штета и им било ограничено правото за користење и навремено подигање на личните документи.
Против полицаецот е поднесен предлог за поведување дисциплинска постапка, а како мерка му се одземени службеното оружје и муниција, како и суспензија од работното место до завршување на постапката.