Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривични пријави против три лица за злоупотреба на службена положба и несовесно работење во службата, со што е нанесена значителна штета на ЈУ „Национален парк Маврово“ во износ од над 3 милиони денари.
Пријавените се Х.И. (40) од општина Маврово и Ростуше, директор на ЈУ „Национален парк Маврово“, Г.А. (44) од село Ниќифорово, раководител на Одделението за одржливо користење во установата, и А.Б. (54) од Гостивар, вработен во Министерството за шумарство и земјоделство.
Според информациите на Министерството за внатрешни работи, во март и април 2025 година, првопријавениот со усен договор со третопријавениот овозможил незаконска сеча на техничко дрво – ела, на локацијата „Брана“ во заштитеното подрачје на Националниот парк. Барањето за сеча било оправдано со наводни оштетувања на дрвјата од атмосферски влијанија, а за надзорот бил задолжен второпријавениот.
И покрај тоа што постоеле законски процедури за јавен оглас и транспарентна постапка, сечата била извршена без потребните дозволи, со што е направена голема штета на шумскиот фонд. Според податоците, во одделот 67а се исечени 858.75 м³ повеќе дрвна маса отколку што било предвидено.
Дополнително, на 10 март 2025 година, третопријавениот изготвил записник и решение со лажни податоци, а дрвната маса подоцна била продадена на претходно договорени купувачи.
Случајот се води како сериозно кривично дело со елементи на организирана злоупотреба и незаконско искористување на природните ресурси во заштитено подрачје.