
Полициски службеник од Полициската станица за граничен надзор Чашка се соочува со кривична пријава и дисциплинска постапка, откако за време на семејна прослава испукал повеќе истрели од огнено оружје, со што, според МВР, ја загрозил безбедноста на присутните.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против полицискиот службеник З.Р. до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – специјализираното одделение за кривични дела сторени од лица со полициски овластувања.
Според МВР, постојат основи на сомнение дека полицискиот службеник го сторил кривичното дело „предизвикување општа опасност“ по член 288 став 3 од Кривичниот законик.
Настанот се случил на 22 мај 2026 година, кога пријавениот, во дворот на својата семејна куќа и за време на семејна прослава со поголем број гости, испукал повеќе истрели од огнено оружје, при што предизвикал опасност за животот и телото на присутните.
Покрај кривичната пријава, Одделот за внатрешна контрола ќе поднесе и предлог за поведување дисциплинска постапка поради кршење на работниот ред и дисциплина. До завршување на постапката, против полицискиот службеник ќе биде изречена мерка за времено отстранување од работното место, односно суспензија.

















