
Вооружен млад човек утрово отвори оган во средно стручно училиште во Шанлиурфа, при што се повредени најмалку 16 лица, меѓу кои и ученици и наставници.
Според информациите на турските медиуми, напаѓачот бил поранешен ученик на училиштето, на возраст од околу 18 години. Тој користел ловечка пушка со скратена цевка и пукал во внатрешноста на објектот, предизвикувајќи паника меѓу присутните.
Очевидци тврдат дека дел од учениците се обиделе да се спасат бегајќи и скокајќи низ прозорците, додека според одредени извештаи, во еден момент имало и заложничка ситуација.
По нападот, полицијата веднаш интервенирала и го блокирала целиот реон. Напаѓачот првично одбил да се предаде, по што биле вклучени и специјални единици. Подоцна, според медиумските извештаи, тој си го одзел животот.
Гувернерот на регионот соопшти дека 12 од повредените се задржани на болничко лекување. Меѓу нив има наставници, ученици, полициски службеник и вработен во училишната менза.























