Вечерва нешто пред 20 часот, на крстосницата меѓу улиците „Цветан Димов“ и „Џон Кенеди“ во скопската општина Чаир избувнала физичка пресметка во која биле употребени ножеви, а три лица завршиле со телесни повреди.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил во 19:48 часот, по претходно недоразбирање. Во пресметката учествувале малолетно лице на возраст од 14 години, како и две полнолетни лица – С.Р. (64) и Б.С. (18), сите од Скопје.
Повредените се пренесени на медицинска помош во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ и во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Полицијата е на терен и работи на целосно расчистување на случајот. Причините за расправијата, како и околностите под кои дошло до употреба на ножеви, засега не се познати.