
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби останува во куќен притвор, откако Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука за продолжување на мерката за нови 30 дена.
Продолжувањето е направено по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, а Груби ќе остане под 24-часовен надзор од страна на Министерството за внатрешни работи.
Ова е второ продолжување на мерката за обезбедување присуство. Доколку Обвинителството побара ново продолжување по истекот на овој рок, согласно Законот за кривична постапка, одлуката ќе ја носи Апелацискиот суд Скопје.
Груби е второосомничен во случајот поврзан со злоупотреби во Државна лотарија. Првоосомничен е поранешниот директор Перпарим Бајрами, кој сè уште не е достапен за органите на прогонот.
Ексвицепремиерот ја напушти земјата пред официјалното отворање на истрагата и извесен период престојуваше во Косово, и покрај тоа што беше на „стоп-листа“. Тој тврдеше дека станувало збор за приватна посета и најави дека ќе се врати, што и го стори на 23 февруари, кога беше приведен на граничниот премин „Блаце“.
По приведувањето, Груби првично беше спроведен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, но таму се задржа кратко. По предлог на Обвинителството, судот одлучи мерката притвор да ја замени со куќен притвор, поради безбедносни проценки направени од надлежните институции.
Одлуката предизвика силни реакции во јавноста и политички препукувања. СДСМ обвини дека случајот е договорен меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Демократската унија за интеграција, додека од владејачката партија возвратија дека незадоволството на граѓаните произлегува од состојбите во правосудството наследени од претходната власт.























