
Службениците од Шумската полиција од Прилеп спроведоа координирана акција на терен на локалитетот „Пештера“, меѓу селата Оревоец и Крстец, при што открија повеќе случаи на нелегален транспорт и бесправна сеча на дрва.
Вчера во 18:30 часот, на посочената локација биле затекнати четири запрежни возила – шпедитери, натоварени со околу четири кубни метри дабови огревни дрва. Според информациите од Шумската полиција, дрвата биле нежигосани и необележани за сеча, поради што веднаш биле одземени и предадени на ПШС „Црн Бор“ – Прилеп. Против лицата кои го вршеле транспортот ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Подоцна, околу 19:30 часот, на истото подрачје биле затекнати лица кои вршеле бесправна сеча на дабови стебла. При интервенцијата, од нив биле одземени две моторни пили, а против сторителите ќе бидат поднесени пријави за незаконска сеча. Една од одземените моторни пили е предадена во Основниот суд во Прилеп, согласно законските процедури.
Од Шумската полиција информираат дека контролите на терен ќе продолжат и во наредниот период, особено на критичните подрачја. Оттаму апелираат до граѓаните да се воздржат од незаконски активности, нагласувајќи дека секоја бесправна сеча и нелегален транспорт на дрва ќе бидат санкционирани согласно закон.























