
Шеесет и четиригодишен кумановец успеал да ѝ сигнализира на вработена во финансиско друштво дека е под присила, откако, според пријавата, две лица го нападнале, го ограбиле и го принудувале да подигне брз кредит.
Вработената ја известила полицијата, а на 22 октомври полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода С.Б. (45) и Р.Т. (52), двајцата од Куманово.
Според МВР, С.Б. го намамила мажот во својот дом под изговор дека ѝ е потребна помош за купување мобилен телефон. Кога пристигнале во дворот, Р.Т. физички го нападнал, додека жената му ги одзела парите и телефонот.
Потоа, според пријавата, двајцата го принудиле да отиде во финансиско друштво за да земе брз кредит. Таму оштетениот успеал да ѝ даде знак на вработената дека не постапува по сопствена волја.
Осомничените биле приведени во полициска станица. Од МВР најавуваат соодветна пријава по целосното документирање на случајот.























