
Двајца браќа од Прилеп завршија во полициска станица откако попладнево во село Сенокос, општина Долнени, полицијата открила украдени предмети во автомобил и се соочила со обид за попречување на службени дејствија.
Според информациите од СВР Битола, околу 15 часот на 10 февруари, полициски службеници од Полициското одделение Ропотово го привеле 34-годишниот Х.К. од Прилеп. При контрола на неговото патничко возило биле пронајдени предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кражба во живинарска фарма во селото Долнени, случај што претходно бил пријавен во полиција.
Инцидентот добил дополнителна димензија кога подоцна бил приведен и неговиот 32-годишен брат Б.К. Тој, на улицата „Орде Чопела“ во Прилеп, застанал пред полициско возило во обид да го спречи спроведувањето на приведениот до ОВР Прилеп. Според полицијата, притоа се однесувал агресивно кон службениците кои извршувале службени задачи.























