
Мајка од Кочани пријавила во полицијата дека нејзината малолетна ќерка подолг период била жртва на организирано психолошко насилство преку социјалните мрежи. Според пријавата поднесена вчера во ОВР Кочани, група малолетници ја вознемирувале и понижувале девојчето во дигиталниот простор, што довело до сериозно влошување на нејзината здравствена состојба.
Поради континуираниот притисок и малтретирањето, малолетничката развила здравствени проблеми, по што била побарана и лекарска помош, објави 4news.mk Мајката во својот исказ навела дека за случајот претходно ги информирала родителите на другите инволвирани малолетници, како и наставниот кадар и педагошко-психолошката служба во училиштето, со цел да се спречи понатамошното насилство.
Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека случајот е евидентиран и дека се преземаат сите неопходни мерки за негово целосно расчистување. Овој инцидент уште еднаш го отвора прашањето за безбедноста на децата на интернет и важноста на брзата реакција од страна на образовните институции и родителите при појава на првите знаци на сајбер-насилство.























