
ДНК на 25-годишниот осомничен од кумановско Драгоманце се совпаѓа со трагите пронајдени кај последната жртва, 78 годишната жена, потврдуваат истражните органи, што дополнително ги засилува сомнежите дека станува збор за серија убиства.

Според информациите од Обвинителството, форензичките анализи покажале дека биолошкиот материјал земен од местото на злосторството одговара на профилот на осомничениот, кој веќе се наоѓа во притвор.
Совпаѓањето на ДНК е прв силен материјален доказ што директно го поврзува осомничениот со убиството на повозрасната жена во селото Челопек. Таа беше пронајдена мртва во својот дом, а истрагата утврди дека била нападната додека спиела, искористувајќи ја нејзината немоќ и фактот што живеела сама.
Обвинителството наведува дека убиството се случило во периодот од крајот на јануари до средината на февруари, а начинот на извршување бил „свиреп и подмолен“.
Паралелно со ова, наредена е ексхумација на уште една почината жена од регионот. Од нејзиното тело се подигнати траги за ДНК-вештачење, со цел да се утврди дали и таа е жртва на истиот сторител.
Истражителите работат на неколку сомнителни случаи со сличен профил на жртви – повозрасни жени кои живееле сами во рурални средини.
Осомничениот е лишен од слобода и му е одреден притвор, а по налог на обвинителството ќе му биде извршено и психијатриско вештачење од тим форензички психијатри.
Дел од доказните постапки остануваат тајни поради чувствителноста на истрагата, но институциите потврдуваат дека се работи за сложен случај со можни повеќе кривични дела.
И покрај апсењето, жителите на неколку села во кумановско сè уште живеат во страв. Дел од семејствата ги повлекле повозрасните членови од руралните средини, додека останатите се заклучуваат по домовите.























