Специјалните армиски сили од Албанија, Косово, Хрватска и САД одржаа заедничка воена вежба со цел зајакнување на интероперабилноста и размена на искуства меѓу сојузничките и партнерските армии.
Началникот на Генералштабот на вооружените сили на Албанија, генерал-потполковник Арбен Кинѓи, во објава на Фејсбук истакна дека ваквите активности се доказ за посветеноста кон соработката и безбедноста во регионот. Тој им упати честитки на припадниците на албанските специјални сили по повод 27-годишнината од нивното формирање, нагласувајќи дека тие се „симбол на професионализам, посветеност и достоинство на вооружените сили и извор на национална гордост“.
Албанските медиуми јавуваат дека вежбата е уште еден показател за стратешката соработка меѓу земјите-членки на НАТО и нивните партнери, додавајќи дека Косово, иако не е членка на Алијансата, активно учествува во заеднички обуки и вежби.
Во март годинава, министрите за одбрана на Албанија, Хрватска и Косово – Пиро Венгу, Иван Анушиќ и Ејуп Маќедонци – во Тирана потпишаа трилатерален договор за зајакнување на одбранбените капацитети, унапредување на воената индустрија и развивање на соработката преку образование, обука и заеднички вежби.
Според заедничката оценка на министрите, ваквите чекори се неопходни поради геополитичките и безбедносните предизвици во Југоисточна Европа, како и за спротивставување на надворешните влијанија во регионот. Целта е стабилен, безбеден и предвидлив регион во кој соработката ќе биде основа за траен мир.