
Албанската престолнина повторно беше сцена на жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата. Антивладините протести, кои со недели ја потресуваат Албанија, во саботата, на 31 октомври, ескалираа со фрлање молотови коктели, камења, запалени контејнери и интервенција на специјалните полициски сили. Демонстрантите бараат оставка од премиерот Еди Рама, обвинувајќи ја неговата влада за корупција, лоши услови во образованието и недостиг од перспективи за младите.
Протестот, кој започнал мирно пред Министерството за образование во Тирана, прераснал во нова конфронтација со безбедносните сили. Дел од учесниците се упатиле кон зградата на Владата, додека полицијата се обидувала да ги спречи насилните инциденти и да воспостави контрола врз улиците.
Молотови коктели и запалени контејнери во центарот на Тирана
Саботниот протест бил 19-ти последователен ден на студентски демонстрации во албанската престолнина.
Студентите и младите граѓани најпрво се собрале пред Министерството за образование, каде што побарале оставка од премиерот и промени во управувањето со државата.
Ситуацијата се влошила кога дел од демонстрантите почнале да палат контејнери, да вадат камења од тротоарите и да фрлаат тврди предмети кон полициските службеници.
На снимките објавени од местото на настанот се гледаат демонстранти кои фрлаат молотови коктели, додека на неколку локации избувнуваат пожари.
Полицијата интервенирала со водени топови и средства за растерување на насобраните граѓани.
Судирите продолжиле и на дел од улиците во централното градско подрачје.
Демонстрантите тргнаа кон зградата на Владата
По собирот пред Министерството за образование, дел од демонстрантите се упатиле кон седиштето на албанската Влада.
Во протестите учествувале и поддржувачи на опозициската Демократска партија, предводена од поранешниот премиер Сали Бериша.
























