
Српскиот претседател Александар Вучиќ го пречека поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан во домот на својот татко во Белград, а нивната средба ја овековечи со видео објавено на Инстаграм. Двајцата политичари отворено зборуваа за неодамнешните изборни порази, политичките предизвици и долгогодишното пријателство, испраќајќи порака дека нивните меѓусебни односи остануваат цврсти и во тешки времиња.
Средбата привлече внимание поради необично личниот тон на разговорот, но и поради пораките што ги упатија двајцата политичари во период на променети политички околности.
„Ги изгубивме изборите, но не и достоинството“
Во видеото објавено на својот инстаграм-профил, Вучиќ се осврна на изборните порази и нагласи дека политичките неуспеси не значат и губење на личните вредности.
„Да, и двајцата неодамна ги изгубивме изборите, но не го изгубивме нашето достоинство, нашата гордост и нашата верба“, изјави Вучиќ.
Неговата порака беше насочена кон истакнување на политичката истрајност, но и кон пријателството со Орбан, кое двајцата го негуваат со години.
Орбан со силна порака: „Александар, секогаш сум на твоја страна“
Поранешниот унгарски премиер му се заблагодари на Вучиќ за поканата, истакнувајќи дека вистинските пријателства не зависат од политичките функции и изборните резултати.
„Ви благодарам многу за поканата. Многу ми е драго што сум овде. Пријателите секогаш остануваат пријатели. Вистинските пријатели стануваат уште подобри пријатели во тешки времиња“, рече Орбан.
Потоа му упати и директна лична порака на српскиот претседател:
„И можеш да бидеш сигурен, Александар, дека јас лично секогаш сум на твоја страна.“
Оваа изјава дополнително ја нагласи блискоста меѓу двајцата политичари, кои и во минатото често разменуваа јавни пораки на поддршка.
„Виктор и јас – приказна за пријателство“
Вучиќ го објави видеото со краток, но впечатлив опис:
„Виктор и јас. Приказна за пријателство.“
Наместо во официјален кабинет или на дипломатски состанок, средбата се одржа во приватна атмосфера, во семејниот дом на Вучиќ.























