
Белградскиот градоначалник Александар Шапиќ бил одведен во полициска станица по инцидентот на Нов Белград со советничката од „Крени-промени“, Тања Миќиќ, која го обвини дека физички ја нападнал.
Според тврдењата на Миќиќ, таа со сопругот и кучето се шетала во населбата каде што живее и Шапиќ, кога се сретнале со градоначалникот. Таа навела дека Шапиќ ја обвинил дека претходно доведувала луѓе пред неговиот дом.
Кога се обидела да го извади телефонот за да го сними разговорот, според нејзиното сведоштво, Шапиќ почнал да ја удира по раката.
Миќиќ тврди дека нејзиниот сопруг се обидел да ја заштити, по што таа застанала меѓу нив.
„Тој тргна да ме заштити, а јас застанав меѓу нив двајца. Тој замавна и ме удри во носот, по што веднаш ми потече крв“, изјавила Миќиќ.
Од „Крени-промени“ објавија снимка од моментот кога полицијата го одведува Шапиќ, а движењето соопшти и дека градоначалникот подоцна бил пуштен од полициската станица.
Сепак, Шапиќ ги отфрла обвинувањата дека ја удрил советничката. Тој тврди дека дошло до физичко кошкање и дека ја одбил Миќиќ за да се одбрани од нејзиниот сопруг.
Во меѓувреме, Третото основно јавно обвинителство во Белград соопшти дека е даден налог полицијата да ги собере сите информации за инцидентот. На Миќиќ и нејзиниот сопруг им било наложено да извршат лекарски прегледи, а сите учесници треба да бидат сослушани за да се утврдат околностите и евентуалната правна квалификација на случајот.
Од обвинителството дополнително соопштија дека Шапиќ бил одведен во полициската станица на Нов Белград и бил тестиран за присуство на алкохол и психоактивни супстанции. Резултатите биле негативни, по што бил пуштен откако истекол законскиот рок за задржување.
„Крени-промени“ најави и протест пред Третото основно јавно обвинителство, со барање случајот да биде целосно расчистен.















