
Граничниот премин Евзони вечерва повторно ќе биде целосно затворен за сообраќај во двата правци. Според информациите од дописничката на МИА од Атина, блокадата ќе трае од 18 до 22 часот по македонско, односно од 19 до 23 часот по грчко време и ќе важи за сите видови возила.
Земјоделците од северниот дел на Грција, кои од 1 декември со трактори протестираат на граничниот премин, и денеска ќе го блокираат сообраќајот во траење од четири часа, исто како и претходниот ден.
Во однос на следните денови, блокади не се планирани поради верските празници. Утре во Грција се одбележува Богојавление, а според најавите на земјоделците, како и за Божиќ и Нова година, сите автопатишта и гранични премини ќе бидат отворени за непречено движење на граѓаните. Според МИА, ова ќе важи и за Евзони, каде што во вторник и среда не се предвидени блокади.
На вчерашниот состанок на земјоделците од цела Грција била донесена одлука за 48-часовна блокада на националната патна мрежа, споредните патишта, клучните сообраќајници и граничните премини, која е планирана за четврток и петок. Земјоделците од Евзони ќе учествуваат во овие активности, а во среда ќе одржат нов состанок на кој ќе одлучат дали граничниот премин ќе биде затворен два дена само за товарни возила или за целиот сообраќај.
Протестите на земјоделците траат повеќе од еден месец и започнаа на 30 ноември. Тие најавуваат дека ќе седнат на преговори со Владата само доколку бидат прифатени сите нивни барања.



























