УТРО.мк

Уапсени осум полицајци во Србија: Се сомничат за смртта на братот на обвинетиот во случајот со Данка Илиќ

Уапсени осум полицајци во Србија: Се сомничат за смртта на братот на обвинетиот во случајот со Данка Илиќ
Vero

Осум припадници на Управата за криминалистичка полиција во Србија се уапсени под сомнение дека му нанеле повреди со смртни последици на Далибор Драгиевиќ, брат на еден од обвинетите во случајот со двегодишната Данка Илиќ.

Апсењата ги соопшти Вишото јавно обвинителство во Ниш. Според објавените информации, полицајците се осомничени за нанесување тешки телесни повреди со смртни последици, како и за соучесништво во малтретирање и тортура.

На приведените им е одредено задржување до 48 часа, по што треба да бидат изведени пред обвинителството на распит.

Починал во полициска станица во 2024 година

Далибор Драгиевиќ почина на 7 април 2024 година во полициската станица во Бор, откако беше приведен и испрашуван во врска со истрагата за исчезнувањето на девојчето.

Полицијата првично соопшти дека тој починал од природна смрт. Подоцна, според информациите што ги пренесува Сител, обдукцијата утврдила дека причина за смртта било насилство.

Обвинителството во Ниш соопштило дека и претходно издало наредби за апсење на осомничените полицајци, но дека Секторот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи тогаш не ги спровел.

Случајот со Данка Илиќ е во судска постапка

Далибор Драгиевиќ беше брат на Дејан Драгиевиќ, еден од двајцата обвинети во случајот со Данка Илиќ. Девојчето исчезна на 26 март 2024 година во Бањско Поле, во близина на Бор. Нејзиното тело сè уште не е пронајдено.

За случајот се обвинети Дејан Драгиевиќ и Срѓан Јанковиќ. Според обвинението, двајцата биле во службено возило кога го удриле детето, по што го ставиле во возилото и го сокриле телото.

Обвинетите првично признале, но подоцна ги повлекле признанијата и негирале дека го убиле девојчето. Подготвителното рочиште во постапката завршило на 30 октомври во Неготин, а почетокот на главниот судски процес е закажан за втората половина на ноември. Обвинителството побарало доживотен затвор за двајцата обвинети.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран