Балканот е зафатен од силен топлотен бран, при што во Република Српска и делови од Хрватска е прогласен црвен метео-аларм, додека во Федерацијата БиХ е во сила портокалов аларм. Температурите на повеќе места ќе достигнат и до 40°C, предупредуваат метеоролозите.
Според Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија (РХМЗ), во првата декада од јули се очекува засилување на топлината низ целата земја. Највисоките температури ќе се движат од 34 до 38°C, а утре, в недела и на почетокот на следната недела, локално се предвидува и до 40°C.
Најзагрозени се регионите на Поморавље, источна и југоисточна Србија, каде е прогласен црвен метео-аларм, што значи дека временските услови претставуваат сериозна опасност за здравјето на населението. Во останатите делови од Србија е активиран портокалов аларм.
По интензивниот топлотен бран, метеоролозите најавуваат можност за развој на облачност со краткотрајни локални врнежи во некои делови од регионот за време на викендот, проследено со мал пад на температурите.
Надлежните служби апелираат граѓаните да избегнуваат престој на отворено од 10 до 17 часот, да пијат повеќе вода и да не патуваат во најтоплиот дел од денот. За оние кои сепак мора да излезат или патуваат, препораката е тоа да го сторат рано наутро или доцна навечер.