Единаесет лица загинаа, а најмалку 35 се повредени во силен пожар кој синоќа избувна на седмиот кат од пензионерскиот дом во Тузла. Пожарот започнал околу 21 часот, а евакуацијата на станарите траела до 3 часот по полноќ. Во акцијата, покрај противпожарните екипи, учествувале и други градски служби.
Градоначалникот на Тузла, Зијад Лугавиќ, изјави дека благодарение на брзата реакција бил спасен „огромен број животи“, бидејќи повеќе од 60 лица било потребно да се евакуираат од најгорните катови.
Меѓу повредените се и седум вработени од домот, кои се хоспитализирани во Универзитетскиот клинички центар во Тузла. Утрово, директорот на домот, Мирсад Бакаловиќ, поднесе оставка, наведувајќи дека тоа е најмалку што може да го направи по трагедијата.
На социјалните мрежи се појавија фотографии од моментите кога пламенот го зафаќа најгорниот кат, а сведоците велат дека ситуацијата била хаотична. Роднини и дел од сместените лица изјавија дека немале информации за текот на евакуацијата.
Во домот биле сместени околу 100 лица, од кои голем дел биле со деменција или потешки здравствени состојби. Според локалните медиуми, со години се предупредувало на лошите услови и небезбедноста на објектот. И покрај тоа, управата во јануари ја зголемила цената за сместување за околу 30 проценти.
Порталот „Кликс“ јавува дека институциите биле известувани за проблемите во домот многу пред трагедијата, но сериозни мерки не биле преземени.























